Почина писателот Видое Видичевски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во осумдесет и деветта година од животот почина писателот Видое Видичевски, информира Друштвото на писатели на Македонија.

Видое Видичевски е роден во Охрид, во 1931 година. Зад себе има богат и разновиден опус како поет, раскажувач и драмски автор. Во поезијата дебитира со стихозбирката „Сини питоми утрини“ во 1959 година.

Потоа ги објавува поетските книги „Вечерен пејзаж од градот“, „Песни за потопот“, „Кажување на задоцнетиот пророк“, „Вие“ и „Биље крај езерото“.

Неговата поезија e преведувана на италијански, француски, руски, турски и романски јазик. Автор е на збирката раскази „Заробеници на вечерните игри“ и на драмите „Бреговите се немирни“ и „Балада за орканата“. Бил оснoвач и прв директор на Радио Охрид, директор на Домот на културата во Охрид, еден од основачите на „Охридско лето“ и негов раководител, како и покренувач на манифестацијата „Прличеви беседи“.

За своето творештво e добитник на низа признанија, меѓу кои наградата на РТС на Струшките вечери на поезијата, наградата за најдобра книга меѓу два саема, Седмоноемвриската награда на Охрид, наградата на „Дијалог“ за најдобра поетска книга во 2009 година и на наградата „Книжевно жезло“, што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности.