Во 71. година од животот, по повеќегодишно боледување, почина професорот и хирург Владо Јаневски, истакнат медицински стручњак и сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски остави значаен белег во областа на хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата долгогодишна кариера, тој беше познат по професионалниот пристап кон пациентите и високото ниво на одговорност во работата.
Покрај клиничката практика, Јаневски посветено работеше и како ментор, обучувајќи генерации млади лекари и хирурзи. Неговото професионално наследство продолжуваат да го носат бројни доктори кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во други здравствени установи низ земјата. Колегите го опишуваат како строг, но правичен наставник, како и човек со изразена хуманост и професионален интегритет.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел, каде семејството, пријателите, колегите и почитувачите ќе можат да му оддадат последна почит.
