Почна асфалтирањето на „Благоја Тоска“, Дурмиши најави продолжување на булеварот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Стартуваше асфалтирањето на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово.
Прв кој излезе да види дека напредува работата беше претседателот на Советот на општината, Бесар Дурмиши, кој рече дека овој дел треба да заврши до крајот на годинава.

-Ги содржи сите потребни стандарди со подземна и надземна инфраструктура, односно сѐ што е потребно. Поставивме нова водоводна и канализациона мрежа, ќе има јавно осветлување и се засадат дрвја, а димензиите се такви како што се предвидени во планот-вели Дурмиши.

Дурмиши најави дека во текот на наредната година општина Тетово има предвидено буџет и за првата фаза за продолжување на булеварот.

-Во буџетот за 2023 година предвидовме средства за експропријација на втората фаза. Значи во 2023-та се очекува да завршиме со експропријацијата и да почнеме со продолжување на булеварот-рече Дурмиши.

Општина Тетово му даде рок уште неколку дена на семејството кое ќе треба да ја напушти и последната куќа што треба да се отстрани за овој булевар да се поврзе со другиот дел. Досега за овој булевар општина Тетово изврши експропријација на вкупно 20 имоти во вредност од околу 2 милиони евра.