Последните бродови коишто испловија од Ормутски теснец пред ескалација на кризата и блокадата на овој премин, веќе се пристигнати до рафинериите. Пазарот веќе се соочува со сериозен притисок и ризик од недостиг на милиони барели дневно за производство на нафтени деривати. Ова го отвора прашањето дали недостигот на овој енергенс ќе се одрази и кај снабдувањето во Македонија. Според енергетскиот експерт Митко Андреевски, македонските граѓани не треба да се плашат дека ќе има физички недостаток на горива на пазарот.
„Македонските граѓани, порака од мене, ако е тоа возможно да се воздржат од паника, нафта и нафтени деривати за Македонија ќе има, што не е случај во Србија или Бугарија и Романија, каде што сопственици на рафинериите се руските компании, како Газпромнефт како и Лукоил.“, рече Андреевски.
Андреевски посочува дека голем проблем и предизвик во иднина ќе биде цената на суровата нафта, која првпат во историјата се менува не само на дневна основа, туку час по час, дури и од минута во минута, со големи скокови.
И покрај ова, снабдувањето ќе остане стабилно во Македонија, пред сè поради долгорочните договори и сигурните извори за набавка на сурова нафта на клучната компанија за државава, грчки Хеленик Петролеум. Андреевски вели дека не може да се случи сценариото како со природниот гас, кога богатите азиски пазари го преземаа овој енергенс, па наместо во Европа завршуваше на Истокот. Според Андреевски, тоа е невозможно со суровата нафта, бидејќи договорите што ги имаат сериозните компании, меѓу кои и Хеленик Петролеум, гарантираат дека количините ќе бидат испорачани до рафинериите.
„Но, знаејќи од каде се набавува, од Норвешка, дел од африканските земји, јас не верувам дека до такво нешто ќе дојде. Како прво. Како второ, тоа се пресериозни договори и не е така едноставно дека некој може да понуди повеќе пари и ќе им ги префрли. Се случува тоа кога не се однапред договорени тие количини, него се на слободен пазар и се тргуваат ден за ден. Но, познавајќи ја политиката на работење на Хеленик Петролеум, до тоа сигурно нема да дојде.“, рече Андреевски.
Андреевски дополнува, течниот гас и технички може да се купува на отворено море и да се пренасочува кај богатите купувачи, но со нафтата не е ист случајот. Причината е што рафинериите работат со различни типови нафта, кои одговараат само за одредени постројки. Европските рафинерии, вклучително и оние на Хеленик Петролеум, во многу мал дел преработуваат нафта од Персискиот Залив, која најчесто завршува во рафинерии во Јапонија и пошироко во Азија.
Од OKTA, која е во сопственост на Хеленик Петролеум и преку која од 70 до 80 проценти се снабдува македонскиот пазар со нафтени деривати, велат дека снабдувањето е нормално и дека внимателно ја следат состојбата.
„ОКТА продолжува редовно да го снабдува домашниот пазар и е подготвена да го прилагоди планирањето на снабдувањето во зависност од развојот на состојбите во регионалната и глобалната енергетска средина.“, велат од ОКТА.
Според информации од Владата, за викендов не е закажана владина седница на која ќе се разгледуваат состојбите со цените на нафтените деривати, но оттаму велат дека будно ја следат состојбата и доколку има потреба, ќе се свика седница за да се разгледаат можните мерки.
