Почна рушењето на оградите на Качанички пат – инспекторите на терен, узурпирачите своеволно ги отстранија оградите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Багерите почнаа да ги отстрануваат бетонските огради со што започна ослободувањето на узурпираните имоти на Качанички пат.  Лицата  за кои директорот на Инспекторатот за градежништво и урбанизам, Фатмир Арифи, рече дека даваат отпор за да ги отстранат оградите кои сметаат, сега доброволно ги отстраниле. Претставници на инспекторатот заедно со градоначалникот на општина Бутел и неговите инспектори денеска излегоа на терен за да ја увидат фактичката состојба при што беше констатирано дека има многу узурпирани државни имоти.

„Со инспекторатот на Бутел сме на терен. Има позитивни знаци дека доброволно некои сопственици кои го узурпирале земјиштето, веќе почнале да ги отстрануваат железните или бетонските огради“, вели Фатмир Арифи.

Узурпацијата ја потврди и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски. Тој заедно со неговите инспектори рече дека ќе ги преземат сите мерки предвидени со законот, за да се олесни развојот на работите за овој значаен проект.

Според зборовите на директорот на Инспекторатот, Фатмир Арифи, две лица давале поголем отпор во отстранувањето на оградите, но на крајот се нашло заеднички јазик и со нив. Додека инспекторите вршеле увид, на сопствениците кои не биле таму им била дадена покана да се појават во општината. Овие правни лица мора да ги ослободат овие имоти. Арифи за ТВ21 изјави дека без разлика дали се приватни или државни имоти, оградите мора да се отстранат бидејќи тоа е важен државен и општествен проект. Државата ќе ги компензира приватните имоти преку судски процес.