Почна судењето за убиствата на Вања и Панче – зошто девојчето е убиено, ако грабнувањето било за да се бара откуп?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Променети во својот физички изглед до непрепознавање на иста обвинителна клупа за прв пат седнаа петтемина обвинети за грабнување, помагање и убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски.

Првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо рече дека е жртва на монтиран политички процес и тврдеше оти нема докази за негова вмешаност во убиствата. Рече дека има нелогичности во обвинението каде се вели дека Вања е грабната за да се бара откуп, а се тврди дека дупката била веќе ископана пред убиството.

„Ова е политичка наредба, ова обвинителство раскажува приказни. Родителот на Вања е наместен од полицијата. Јас, Александар не го познавам ниту пак обвинителството докажало меѓу мене и него. Јас бев киднапиран. Бев на понижувачки начин со калашникови донесен пред судија на претходна постапка“, вели Љупчо Палевски.

Таткото на Вања, Александар пред судот изјави дека не е виновен и оти во текот на процесот ќе даде придонес за расчистување на вистината.

„Александар е жртва. Тој е оштетен во оваа постапка. Тврдам дека секој родител кој би му се случило ваква работа би го преземал апсолутно истото што го преземал и тој. Односно би одел во насока да води и своја самостојна истрага. И сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар“, вели Владимир Туфегџиќ.

Обвинителството пак во воведните зборови соопшти дека има несоборливи докази според кои обвинетите го планирале и извршиле грабнувањето на двете жртви кои потоа ги ликвидирал со истрел во главата обвинетиот Палевски.

„Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев со колата на претходно убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на Вања. Влатко Кешишев чекал во колата, а другите двајца со штрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Кога таа излегла од лифтот, ја грабнале, ѝ ставиле трака на устата, ѝ ги врзале рацете и нозете со пластички стеги и ја ставиле во вреќата. Ѝ се заканувале за да не вика“, вели Жаклина Крстевска – Јосифовска.

Обвинителството по барање на мајката на убиеното девојче побара исклучување на јавноста од целата главна расправа, но судечкиот совет не го прифати предлогот. Полномошникот на мајката и сестрана на Вања најави дека дополнително ќе оформи отштетно побарување. Судскиот процес продолжува на 7-ми октомври со испитување на сведоци, а судијата Ивица Стефановски за октомври закажа 5 рочишта.