Почнува аплицирањето за кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетската криза

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од денеска почнува аплицирањето за кредитната линија на Развојната банка за обртни средства за компании погодени од енергетската и ценовната криза. Може да аплицираат микро, мали и средни компании, како и трговци поединци и занаетчии заклучно до 9 јануари.

За оваа намена вкупно се обезбедени 300.000.000 денари. Минималниот износ е 184.500 денари, а максималниот износ за кој може да аплицираат микро, малите и средни претпријатија е 1.845.000 денари, а за трговци поединци и за занаетчиите 615.000 денари.

Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата од 18 до 36 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци.

Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални периоди на отплата.

Од Развојната банка на Северна Македонија информираат дека обработката на пристигнатите кредитни барања ќе отпочне по затворање на јавниот повик. Неадекватните барања на неквалификувани кредитокорисници нема да се разгледуваат, а некомплетните барања нема да се разгледуваат сè додека не се дополнат.

– Банката ќе ги извести барателите на кредит на коишто им е одобрен кредит врз основа на доставено Кредитно барање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот. Банката ќе ги извести кредитобарателите чии кредитни барања се одбиени, со причина за одбивање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот. Банката нема да ги известува индивидуално кредитобарателите чии кредитни барања се пристигнати по исцрпување на средствата. За исцрпување на средствата по објавениот Јавен повик, Банката ќе објави на својата веб страница, се наведува во јавниот оглас.