Премиерот Христијан Мицкоски вели дека бил зачуден што официјална Атина реагирала на неговата изјава. Откако тој кажа дека македонското прашање се уште е отворено, Грција оцени дека станува збор за провокација, во која се препознава иредентизам, а македонското прашање е затворено.
„Го прочитав тоа… не знам каде се препознале. Дали можеби имаат грижа на совест, па работи потсвеста? Фројд е чудна работа, но јас нема да навлегувам во таква дебата.“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски истакна дека македонското прашање ќе биде отворено додека не се почитуваат пресудите од Судот во Стразбур за човековите права на македонската заедница во Бугарија и додека земјата не ја исполни стратешката цел за членство во Европската Унија. Евроинтеграцијата била дел од темите на средбите на премиерот во Вашингтон, од кои тој, како што рече, бил многу задоволен. Мицкоски истакна дека е подготвен за дијалог со новиот бугарски премиер Росен Жељазков, а на маса ги покани и ЕУ и САД.
„Да видиме дали можеме да имаме заеднички јазик. Да видиме дали можеме заедно со нашите стратешки партнери и од Европската Унија и Соединетите американски држави, да седнеме сите заедно да видиме да го фасилитираме овој процес.“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот кажа дека неговите позиции остануваат непроменети. Ова следува откако и новиот премиер, но и и бугарскиот претседател Румен Радев, потенцираа дека поддржуваат проширување на Унијата, но само со почитување на она што е веќе договорено.
