Подготвени за сезоната на пожари?! Државата активира воени и полициски возила

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стари воени и полициски возила како хермелини, БТР и „Пинцгауери“ се пренаменети за гаснење пожари и деновиве ќе се стават во функција за очекуваната летна сезона со пожари. 60 – тина возила се опремени со шестонски резервоари за вода и ќе дејствуваат на непристапен терен.

„Новитет е тоа што делот од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70 – 80, старите Хермелини, Пинцгауери и слично, кој што беа во магацините на министерството за одбрана и внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи кои што работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени. Тоа што многу ни беше важно, навечер кога огнот како што велат спие, стручно, да може да пристапиме и да го угасиме за да не се распламти преку денот“, вели Мицкоски.

Дополнително, Дирекцијата за заштита и спасување оперативно располага со двата Ертрактора, а се очекува да дојде и третиот. Планот е сите капацитети да бидат ставени во координиран систем на одговор, со вклученост на армијата, полицијата и цивилната заштита. Мицкоски вели дека возилата ќе бидат опслужувани од возачи и луѓе од Одбрана и од МВР. Пренамената не чинела многу.

„Многу малку и тоа е пред се работа која што е завршена на волонтеристичка база и со општествено одговорни компании. Буџетот не го чини воопшто.“, изјави Мицкоски.

Возилата ќе бидат распределени по региони и на располагање на локалните противпожарни единици.

Во моментов во земјава имаме помалку од 400 пожарникари во сите единици на противпожарна заштита, a во 34-те противпожарни единици во Македонија вкупно располагаат со 284 возила, од кои што половина се постари од 30 години, а најстарото е од 1966 година