Подметнат пожар во авто сервис во Пинтија – на видео од камерите се гледа лице како истура бензин врз возилата по што ги пали

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Снимката што се појави од пожарот кој утрово се случи во сервис за возила во Пинтија ги потврдува сомнежите за намерно подметнување. На видео записот од безбедносните камери се гледа како едно лице со капуљача на главата истура бензин врз возилата во сервисот кој се наоѓа во населено место, а потоа и ги запали.

Огромниот пламен и експлозии ги разбудило жителите на ова место, а по пристигањето на противпожарните бригади тие морале да бидат евакуирани од своите домови поради опасноста од поголем пожар со оглед на тоа што во возила најверојатно имало и бензин, а гореле и гумите. Гасењето се одвиваше многу брзо и благодарение на пожарникарите тој не се прошири на околните куќи, сведочеше еден од жителите.

-Прво ме разбуди, да речам, експлозија една. Непосредно по експлозијата после 10-ина минути може и пократко, не гледавме на саат, дојде полиција, тропаше на врата и не замоли културно да се дислоцираме од местото поради евакуација поради мојата безбедност. Кога излегов надвор на улицата, веќе беа и моите комшии исто така разбудени и дислоцирани на посигурно место. Беше голем пламен, сепак тука се горени гума, пластика кои се можеби и канцерогени. Не знам тоа експертите знаат, меѓутоа не беше пријатно за дишење, изјави жителот Горан Стојановски.

Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вели дека противпожарни екипи веднаш излегле на терен.

-Рано утрово пред 4.00 часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија, над Стаклара во местото наречено Каменик во кој имало повеќе автомобили, масла и други запаливи предмети. Противпожарна бригада веднаш излезе на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот беше изгаснат пред 6.00 часот, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Премиерот Христијан Мицкоски од Јегуновце истакна дека по овие настани утрово врвот на структурите на МВР заседаваше во кое било констатирано дека биле идентификувани 20-ина лица за кои постои основано сомневање дека се вмешани во пожарите. Тој истакна дека она што се појавило на снимката е доказ за тоа што го говорел деновиве дека зад пожарите стојат некои центри на моќ во земјава и надвор.

-Видовте како дрско се подметнува пожар и тоа е само уште еден доказ за тоа што го зборувам цело време дека, за жал, постојат центри на моќ кои што се обидуваат да внесат страв, паника кај граѓаните пред изборите и одговорот на прашањето кому тоа му одговара мислам дека со една многу кратка анализа ќе го добиете самите ако направите, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Изминатите денови жителите на град Скопје беа вознемирени откако еден по друг се случија огромни пожари во депонијата Дрисла, па во Вардариште и во саботата гореше и во складот за електронски уреди во Трубарево. Облаци од чад се ширеа низ цел град по што граѓаните се жалеа дека не може да се диши. Синоќа пред 23.00 часот повторно беше предизвикан пожар во депонијата Дрисла, на сосемa друго место.

Скопските пожарникари започнаа со гаснење и еден час подоцна пожарот беше изгаснат и затрупан со што беше спречено ширење на огнот во главнината на депонијата.