Поднесени 114 кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик и 451 прекршочна пријава за неносење лична заштита

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На денешната редовна 61-ва седница Владата ја разгледа информацијата за активностите на Министерството за внатрешни работи и на инспекциските служби за контролите и постапувањата по однос на спроведувањето на владините мерки за справување со корона вирусот за време на тековниот продолжен викенд.

Според информациите од МВР, во текот на денот биле поднесени 114 кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, како и 451 прекршочна пријава по членот 6 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба.

Припадниците на МВР во текот на денот извршија контроли и на лицата кои се во самоизолација, а Владата беше информирана дека во текот на наредните два дена ќе биде зголемен бројот на припадниците на министерството на терен, особено во градовите туристички дестинации во земјата.

Во текот на денешниот ден од страна на Државниот пазарен инспекторат биле поднесени 4 кривични пријави по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик кои е однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, од кои 2 од пријавите се поднесени во Дојран, една во Струмица и една во Битола. Државниот пазарен инспекторат денеска поднел и 12 прекршочни пријави.

Државниот трудов инспекторат, во координација со полицијата, денеска направила засилени контроли на подрачјето на Општина Штип каде што Главниот координативен кризен штаб забрани работа на текстилните и кожарските фабрики за време на продолжениот викенд. Од надзорите е утврдено дека компаниите од овие две дејности во Штип целосно ја почитувале забраната, а со засилени контроли инспекторите на трудовиот инспекторат во производствените капацитети низ државата проверуваа дали се почитуваат протоколите за заштита на работниците.

ДЗСИ денес работеше на издавање на решенија за изолација на новите позитивни случаи и на нивните контакти.

Владата ги задолжи полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките за спречување на ширењето коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните од КОВИД-19.