Синдикатите на петте државни универзитети ТУ, УМТ, „Св.Климент Охридски“, „Свети Апостол Павле“ и „Гоце Делчев“, се чувствуваат дискриминирани бидејќи од овој месец платите се зголемуваат само за 22% за вработените во Св.„Кирил и Методиј“. Тие преку коминике го изразија својот револт што Собранието неправедно не го потпишало Предлогот за Колективен договор што тие го поднеле. Синдикатите бараат зголемување на платите и за другите универзитети, во спротивно најавуваат протести.
-Сè додека не се почитуваат нашите законски барања, тогаш како синдикат на пет јавни универзитети ќе бидеме принудени да се однесуваме според принципите на синдикално организирање, преку преземање на сите правни средства со кои располагаме, во крајна линија вклучително и јавен протест-велат од Универзитетскиот синдикат.
Министерот Јетон Шаќири во емисијата 10 минути на ТВ21 изјави дека ниту еден од синдикатите не се обратил до Министерството за образование, и дека мора да се земат предвид сите законски елементи на законот и ќе ја поддржи иницијативата за зголемување платите на сите државни универзитети.
-И јас како министер инсистирав сите други јавни институции што поскоро во периодот од 2022 година, што поскоро да ги завршат сите видови постапки кои им следуваат од правен аспект за формирање синдикати и така натаму, бидејќи јас сум и стојам на ставот дека договорот не треба да биде само за јавна високообразовна институција во конкретниот случај, туку да важи за сите други универзитети кои што поскоро треба да ги завршат процедурите. Кога сум кај овој период, не ги знам можностите и законските одредби додека не е поднесено барањето, дали е поднесено од сите други јавни институции во државата, бидејќи не сум ни преговарачка страна, ниту страна потписник на овој дел, јас сум само страна која треба да го дадам ставот во конкретниот случај-рече Шаќири.
Од друга страна, Самостојниот синдикат на јавните научни институти го поздрави, како што ја нарече победата по долгата битка на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Оттаму бараат средба со министерот Шаќири за да се разговара за унапредување на правата на вработените во јавните научни институти.
