Сојузот на Синдикати на Македонија побара МТСП да го коригира вчерашната одлука објавна во Службен весник, каде се вели дека сумата на минималната бруто плата од 29.739 денари ќе започне да се исплаќа од април. Синдикатите веруваат дека Владата сака да заштеди со тоа што не им ја коригира платата на најсиромашните работници за еден месец.
„Во Службен весник бр 58 од 16.3.2023 година е објавено дека висината на минималната плата во бруто–износ во Република Северна Македонија, започнувајќи од април 2023 година изнесува 29.739,00 денари. Оваа објава е спротивно на измената на член 4 од Законот за минимална плата направена со Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата службен весник бр. 41 од 24 февруари 2022 година со кој е уредено дека исплатата на ново утврдената висина на минималната плата ќе се врши со исплата на платата за месец март тековната година. На овој начин државата прави обид да заштеди со тоа што еден месец нема да ја корегира платата на најсиромашните работници и граѓани што е преседан во однесувањето на демократските системи и влади“, велат од ССМ.
Реагираа и од МТСП од каде велат дека мерката за минимална плата, според критериумите на усвоената методологија минатата година, усвоена е на Економскиот и Социјален совет на 13 март 2023. Тие велат дека ниеден работни нема да добива плата пониска од 20.175 денари со исплатата за март, со законски рок на исплата што треба да се исплати до 15 април.
„Во однос на Објавата за висината на минималната плата за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/23), која беше објавена на 16.03.2023 година согласно Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, работодавачите се должни утврдениот бруто-износ за 2023 година од 29.739,00 денари, да го пресметаат и исплатат со платата за месец март. Согласно Законот за работните односи платата за месец март треба да се исплати најдоцна до 15 април 2023 година“, велат од МТСП.
Од 18 илјади, минималната плата ќе се покачи на 20.175 денари. Ова е одлука што ја донесе владата во понеделникот и со оваа одлука граѓаните од април ќе добијат плата со покачување. Од Влада најавија континуирано покачување на минималната плата и следните години.