Полемика околу јавното осветлување во Тетово – Реџепи ветува укинување, Касами го брани концесионирањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Давањето под концесија на јавното осветлување во Тетово беше темата со која кандидатот за градоначалник на општина Тетово, Бајрам Реџепи, ја започна својата изборна кампања во рамките на коалицијата Национален Алијанс за Интеграција. Бајрам Реџепи изјави дека преку оваа концесија, општина Тетово ѝ нанела штета на општинската каса, додека од тоа профитираат само поединци. Тој ги увери граѓаните на Тетово дека веднаш по изборите ќе го укине овој договор.

„Според договорот, приватниот оператор требаше во рок од 6 месеци од потпишувањето да ги замени 8.720 постоечки светилки со паметни LED светилки. Овој рок одамна е поминат, а Тетово сè уште нема модернизирано осветлување, додека граѓаните плаќаат поскапи сметки за јавно осветлување. Ова е класичен план за збогатување на грбот на граѓаните. Ви гарантирам, дека овој договор ќе го укинеме веднаш и нема да дозволиме поединци да се збогатуваат на сметка на јавниот интерес и иднината на Тетово“, вели Бајрам Реџепи.

Од друга страна, неговиот противкандидат и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами од ВЛЕН, го брани концесискиот договор, велејќи дека сега општината обезбедува приходи од околу 200 илјади евра годишно, и дека Тетово е подобро осветлено од кога било.

„Во минатото, кога јавното осветлување го менаџираше општината, таа мораше постојано да ги покрива сметките, што чинеше околу 200 илјади евра годишно. А денес, додека го менаџира приватен оператор, општината има приходи од околу 200 илјади евра, кои се вложуваат во проширување на мрежата на јавно осветлување. Додека порано половина Тетово беше во мрак, денес нема улица или уличка без јавно осветлување. Со овој проект продолжуваме со проширување на мрежата“, вели Биљал Касами.

Инаку, јавното осветлување во Тетово е дадено под концесија во 2023 година.