Политичките тензии меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повторно се интензивираа, откако двете партии разменија остри обвинувања поврзани со уставните измени, македонскиот идентитет и европската интеграција на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија жестоки критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека е подготвен да прифати уставни измени без гаранции од Европската Унија и дека, како што велат, „коленичи пред бугарските барања“. Во партиското соопштение се наведува дека Филипче ги релативизира националните прашања и продолжува со политиките на поранешното раководство на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека официјална Софија и натаму има непроменети ставови за македонскиот идентитет и јазик, а Филипче, според нив, покажувал подготвеност за нови отстапки. Од партијата дополнително обвинуваат дека СДСМ не извлекла поука од изборните порази и дека настапува арогантно во јавноста.
Од друга страна, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обвини дека власта предводена од Христијан Мицкоски свесно ја турка државата во изолација со цел да го закочи европскиот пат и да ги заштити, како што рече, „криминалните интереси“.
„Македонскиот национален идентитет не го загрозуваат малцинствата во Уставот. Македонскиот национален идентитет го загрозуваат криминалот и корупцијата“, изјави Филипче, додавајќи дека внесувањето на малцинствата во Уставот претставува зацврстување, а не слабеење на државниот идентитет.
Тој оцени дека продолжувањето на евроинтегративниот процес ќе значи примена на европските стандарди, правда и поголема одговорност на институциите.
„Продолжувањето на европскиот пат значи европски закони и правда, крај на наместените тендери и злоупотребата на народните пари“, рече Филипче, обвинувајќи ја власта дека намерно ја блокира европската иднина на државата.
Размената на обвинувања меѓу двете најголеми политички партии доаѓа во период кога прашањето за уставните измени повторно е во фокусот на домашната политичка сцена и останува еден од клучните услови за продолжување на евроинтегративниот процес на земјата.
