Политички кам-бек на Димитров – „Наскоро ќе обелоденам во каква форма ќе делувам“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Пред претстојните парламентарни избори идната година стигнуваат најави за формирање нови политички субјекти. Откако градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски го формираше граѓанското движење За нашите граѓани, најава за политички кам-бек стигна и од поранешниот шеф на дипломатијата а потоа и вицепремиер за европски прашања Никола Димитров. Иако не бил член ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на СДСМ во интервјуто за ТВ21 вели дека никогаш не престанал да биде активен на политичката сцена.

„Сум работел со речиси сите и со сите сум се разишол. И мислам дека е тоа здраво оти човек кога верува дека се фатиле кривини и дека не се оди по вистинскиот пат многу е поздраво да се држи до своето убедување и до својата совест отколку да вика магарето лета. Оти од викање лета ли магарето, лета магарето, стигнавме до ова дереџе“, вели Никола Димитров.

Сепак Димитров засега не открива дали ќе формира партија или пак движење, ниту открива кон која опција ќе биде ориентиран таквиот политички субјект. Вели дека има за цел да го смени системот.

„Јас во блиска иднина ќе и обзнанам на јавноста во каква форма ќе делувам. Да видиме колку граѓани има што работата не е добра, колку граѓани има што сакаат во оваа држава да има ред и колку граѓани има што сакаат законот, системот да важи на целата територија и да биде еднаков кон секој граѓанин“, додаде Никола Димитров.

Прашавме дел од политичките партии како гледаат на најавата за формирање на нов политички субјект, но не сакаа да коментираат. Единствен со краток коментар одговори СДСМ.

„Тоа е демократско право на секој поединец и група“, велат од СДСМ.

Доколку како што вели Димитров наскоро го формира политичкиот субјект тогаш за очекување е дека на следните избори идната година може да се појави и да привлече гласови на граѓаните. Политичкиот аналитичар Џелал Незири оценува дека има простор за нов политички субјект, што беше случај и во земјите од соседството, каде новоформирани партии победија на изборите. Според него политичкиот субјект на Димитров нема да цели кон електоратот ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ

„Не верувам дека новото политичко движење би имал потреба од електоратот на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или другите партии бидејќи се знае кај нас дека гласачите се поврзани на различни нивоа со политичките партии, не само идеолошки. Тоа што мислам дека ќе се таргетира се токму неопределените. Последните анкети покажуваат дека нивниот број е над 40 посто што е огромен базен на гласови“, порача дека Џелал Незири.

Димитров во Владата на Зоран Заев најпрво беше министер за надворешни работи, а потоа по изборите во 2020 беше вицепремиер за европски прашања. Без функција остана во јануари минатата година, кога Владата ја кроеше актуелниот премиер Димитар Ковачевски.