Политички обвинувања за хаосот со отпадот во Скопје – Арсовска го обвинува Мицкоски, СДСМ не очекува модерно Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„ Таквите политичари се најголемото ѓубре “, рече доцна ноќеска  градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, алудирјќи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека намерно создава проблеми за функционирањето на Комунална хигиена  и потоа се обидува да ја игра улогата на херој нудејќи решение.

ВМРО-ДПМНЕ веднаш излезе со контра одговор, тие  ја обвинуваат Арсовска дека е неспособна и претставува закана за масовна зараза во Скопје. Бараат оставка.

„Деструктивна и криминална до коска, Арсовска веднаш да си даде оставка. Неспособноста на Арсовска беше закана за масовна зараза во Скопје. Со денови не се собира ѓубрето во Скопје поради неспособноста на Арсовска и градската власт. Но неспособноста и примитивизмот на Арсовска немаат граница, а тоа се виде кога нејзиниот директор во ЈП Дрисла одбиваше да го прими ѓубрето однесено со камиони. За фрустрациите и другите состојби на Арсовска и порачуваме, дека не можеме да и помогнеме, за тоа има други институции, но за Скопје е најдобро да си даде оставка, и тоа што побрзо“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ  вината ја префрлува на двете страни, и на Мицкоски и на Арсовска. Според нив, Мицкоски глуми како да е загрижен, но во реалноста тој е виновен за хаосот во Скопје. Како што велат, Мицкоски од граѓаните побарал гласови за Арсовска за модерно Скопје, но добија нефункционален и валкан град.

„Мицкоски е одговорен за тоа што Скопје се дави го ѓубре. Затоа Мицкоски излегува и глуми загрижен, неговото појавување покажува дека знае, негова е одговорноста за хаосот во Скопје со ѓубрето. Мицкоски бараше гласови од граѓаните за ДПМНЕ и за Арсовска и заедно ветуваа модерно Скопје. Но скопјани добија загаден, нечист, нефункционален град кој не може со ѓубре да излезе на крај а не да се развива. Каков развој, какво модерно, поради ДПМНЕ и Мицкоски на Скопје му се случува уште една катастрофа“, велат од СДСМ.

За дадената поддршка на Арсовска се кае и Алијанса за Албанците. Претседателот на оваа партија, Арбен Таравари рече дека како партија најголемата грешка што ја направиле последните години е тоа што ја поддржале Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје.