ВЛЕН преку соопштение го обвини Арбен Таравари за двојни аршини, наведувајќи дека порано ја обвинувал власта за проблемите со водоснабдувањето во Гостивар, а денес не презема политичка одговорност за состојбата. Од партијата поставија прашања во врска со ветувањето за изградба на два резервоари, како и за, како што велат, седум милиони евра помош од Швајцарија. ВЛЕН бара одговорност, транспарентност и целосно расветлување на случајот, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат безбедна вода и функционални институции.
-Имавме состанок на Полошкиот регион, на кој присуствуваа сите градоначалници од регионот, за да ја процениме состојбата. Им оставаме на надлежните институции да ги утврдат грешките, пропустите и, секако, одговорностите, изјави Изет Меџити, копретседател на ВЛЕН.
Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, ги обвини СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари дека не бараат одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.
-Граѓаните заслужуваат одговори, а не двојни стандарди. Зошто СДС, ДУИ и Таравари не бараат реакција од општината за скандалот? Зошто општината по три дена од кога сите дознаа за скандалот се јави со прес-конференција? Зошто општинските служби немаат со прст мрднато? – изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
На овие обвинувања одговори претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој ја обвини Владата дека здравствениот систем е во колапс и не го штити здравјето на граѓаните. Тој оцени дека случајот со водата во Гостивар укажува на системски слабости.
-Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај, станува збор за системски знаци на неефикасност и нефункционирање, изјави Венко Филипче од СДСМ.
-Основната функција на здравствениот систем, а тоа е да го штити здравјето на граѓаните, очигледно дека како функција е нарушена. Пациенти со месеци чекаат да стигнат до хируршка интервенција, поради тоа што нема капацитет, ниту од аспект на кадар, ниту од инфраструктурен капацитет, изјави Венко Филипче од СДСМ.
Инаку, уште при своето прво обраќање, градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, побара случајот да не се злоупотребува за политички цели. Вчера тој повтори дека негов приоритет останува здравјето на граѓаните и што поскоро жителите на Гостивар да добијат безбедна вода за пиење.
