Политички пресметки или реформи? – Мицкоски најавува борба со корупцијата, Филипче обвинува за партизација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Робусната акцијата за справување со корумпираните обвинители и судии која на големо ја најави премиерот Христијан Мицкоски резултираше со оставката на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Таа јавно обвини дека тоа го прави поради притисоците на власта. Покрај ова деновиве директни напади има и кон републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за кој од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во изминативе 6 месеци нема покренато обвинение за ниту еден случај што ја потресе Македонија. Портпаролката на Владата Марија Митева оцени дека не станува збор притисоци, а можноста Македонија да добие негативни поени од меѓународната заедница ги поврзува со скандалите што се случуваат таму.

„Негативните поени кои што ги имавме како држава доаѓаа од непостапувањето на правосудството во целина и од огромниот број на скандали кои што се случуваат таму. Она што значи информација за состојбите онакви какви што се е информација за тоа дека ќе имаме навистина робусна борба против состојбите кои што ги има во делот на правосудството не го цениме како притисок. Она што поранешната претседателка на Судскиот совет го изнесе во јавноста и нејзината оставка цениме дека е најсоодветно што можеше да се случи после сите скандали“, вели Марија Митева.

Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче во интервју за „360 степени“ обвини дека власта со ваквите постапки единствено сака да го партизира судството.

„Најави и упад во судството на овој начин на којшто сега владата го прави со тенденција да се влијае на работата на независни судски обвинителски органи, според мене е најава само за партизација на судството. Имаше најава дека ќе се прават реформи, ние имаме пат по којшто реформите во правосудството треба да одат, а се резултат на Оценската мисија на Европската Унија. Тие забелешки се влезени во реформската агенда во Планот за раст и тоа е патот по којшто ние треба да одиме“, вели Венко Филипче.

Вчера со реакција се јавија и од ДУИ од каде велат дека оставката на Дамева е алармантна состојба на заробената држава и урнисување на независноста на институциите. Дамева во јануари годинава се врати на претседателското место во Судскиот совет откако претходно беше разрешена.