Политички судир околу изборната реформа, партиите далеку од договор! Мицкоски нуди компромис, опозицијата се спротивставува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По вчерашната средба во Собранието за усвојување на Изборниот законик, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека дел од политичките партии го блокираат неговото донесување. Тој рече дека на вчерашната средба во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ јасно повторила дека гласањето на дијаспората е стратешка цел, но оцени дека некои политички партии излегле со радикализирани ставови кои, според него, не оставаат простор за договор. Сепак, Мицкоски додаде дека Владата е подготвена да ги прифати поголемиот дел од предлозите на опозицијата, вклучително и една изборна единица, повеќе средства за помалите партии и гласање на дијаспората по пошта, само за да биде усвоен Изборниот законик.

„Еден став беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е став кој некој го наметнува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за изборната кампања, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица. Ги знаете и барањата на СДСМ“, изјави Христијан Мицкоски.

Од друга страна, опозициската СДСМ реагираше, истакнувајќи дека не се против гласањето на дијаспората, туку против тоа Мицкоски да гласа наместо дијаспората. Од партијата додаваат дека замената на електронското гласање, без Државната изборна комисија да има можност со консензус да го уреди тој процес, не претставува гаранција за безбедноста и контролата на слободното изразување на волјата на граѓаните.

„Гласањето по пошта без строга институционална проверка го прави невозможно утврдувањето на идентитетот на гласачот и заштитата на тајноста на гласот. Ова претставува директно заобиколување на изборните правила. СДСМ нема да дозволи изборен грабеж. Имаме обврска да го заштитиме гласот и не ги прифаќаме овие игри на ВМРО“, велат од СДСМ.

Левица ги отфрли изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека биле прифатени нејзините барања за Изборниот законик, нагласувајќи дека предлогот за една изборна единица бил одбиен. Според партијата, приоритет треба да биде реформата на изборниот систем, а не електронското гласање на дијаспората.

„Една изборна единица и нов Изборен законик беа причината поради која воопшто беше формирана Работната група. Една изборна единица не е ново барање на Левица измислено преку ноќ, туку за тоа се зборува со децении. Тоа дури е запишано и во програмата на ДПМНЕ. Само пред една година, Мицкоски лично повикуваше на нејзино спроведување како вистинска демократска реформа“, соопштија од Левица.

Инаку, по спротивставените ставови меѓу власта и опозицијата, партиите сè уште остануваат далеку од договор за Изборниот законик, оставајќи нејасно кога и во каква форма ќе бидат усвоени предложените измени.