И по средбата на координаторите на парламентарните групи на политичките партии во Собрание, се уште не се знае кога ќе биде закажана седница на која ќе се најде Информацијата на Владата во врска со францускиот предлог. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат доставената информација да се врати и да се дополни со документи, како што истакнуваат, протоколот меѓу Македонија и Бугарија.
Меѓутоа Јован Митревски од СДСМ вели дека нема потпишан протокол и дека истиот не е готов.
Од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, велат дека доставената информација од Владата нема да се врати назад за дополнителни документи бидејќи нема одредби во Деловникот кои овозможуваат такво нешто.
„По однос на точката Информација за содржината на предлог-преговарачката рамка и дискусијата која што се разви по однос на оваа точка, претседателот нагласи дека согласно член 185 од Деловникот на Собранието, претседателот ја доставува Информацијата до пратениците во форма во која што е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина. Во исто време, нема деловничка одредба која што му овозможува на претседателот да ја врати информацијата до предлагачот. Според процедурата, Информацијата која што е на дневен ред на пленарна седница, се усвојува со донесување на Заклучоци по однос на Информацијата“, вели Талат Џафери.
Арбр Адеми од ДУИ изјави дека сите документи што ги бара опозицијата се достапни за сите граѓани и функционери.
„На најтранспарентен можен начин, секој граѓанин имал и има можност да се запознае со содржината на овие документи. Не само претставниците на Владата, не само министрите, заменик министрите, пратениците, туку секој граѓанин имал и има можност да се запознае со содржината на овие документи, со преговарачката рамка, со воведната изјава“, посочи Арбер Адеми.
На средбата беше и Бојан Маричиќ како претставник на Владата, кој како што рече Адеми, ги уверувал координаторите дека до Влада ќе ги проследи нивните барања. Адеми додаде дека нема потреба за чекање и дека седница може да се свика веднаш.
