Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе три обвиненија против над 20 полициски службеници за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
Според наводите од истрагата, десет полицајци од СВР Штип и ОВР Кочани, меѓу кои и еден полициски службеник кој подоцна го загубил животот, влегле во дискотеката околу 10 минути пред избувнувањето на пожарот, со цел да спроведат акциска контрола. Во тој момент, објектот бил преполн, а на сцената била користена пиротехника за која не постоела никаква дозвола.
Иако полицајците ја забележале употребата на пиротехнички средства, Обвинителството наведува дека ниту еден од нив не презел дејствија за да ја запре пиротехниката, ниту пак биле преземени мерки за заштита и евакуација на присутните лица.
Обвинението опфаќа и лица кои ја наредиле акциската контрола, со образложение дека контролата била спроведена доцна и во услови кои не обезбедувале безбедност за посетителите.
Како последица на овие пропусти, според обвинителството, настанал пожар во кој животот го загубија 63 лица, а 223 се здобиле со тешки телесни повреди. Обвиненијата се доставени до Кривичниот суд, кој треба да одлучи дали ќе започне судска постапка. За сите обвинети се определени мерки на претпазливост, а ниту еден од нив не е во притвор.
