Резултатите од локалните избори нема да предизвикаат промени во функционирањето на владината коалиција, а приоритет останува спроведувањето на заедничката владина програма. Ова го порача претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, во гостување на ТВ 24, коментирајќи го изборниот исход во Брвеница и настапот на коалицискиот партнер ВЛЕН.
Митева истакна дека ВМРО-ДПМНЕ водела позитивна и обединувачка кампања, со порака за заедништво и развој на општината, нагласувајќи дека слоганот „Една Брвеница за сите“ претставува концепт од кој партијата нема да отстапи.
Таа посочи дека Владата и понатаму ќе продолжи да ја поддржува општината преку реализација на проекти, без оглед на изборниот резултат.
Осврнувајќи се на ВЛЕН, Митева рече дека нивната одлука да настапат со сопствен кандидат уште во првиот круг нема да влијае врз односите во владината коалиција, бидејќи таа е формирана врз основа на заедничка програма.
Сепак, упати критики до коалицискиот партнер, оценувајќи дека ја пропуштил можноста да се разликува од ДУИ и да се дистанцира од етничката реторика.
„ВЛЕН имаа можност да покажат дека се поразлични од ДУИ, да излезат од таа етничка реторика и навистина да покажат едно друго светло, ја пропуштија шансата и одлучија да постапуваат на спротивен начин“, изјави Митева.
Таа ја поздрави волјата на граѓаните, но коментираше и за излезноста на изборите, посочувајќи дека дел од граѓаните кои живеат во странство се вратиле за да гласаат.
Митева оцени дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, можел да придонесе за развојот на општина Брвеница, но нагласи дека партијата останува посветена на својата програма и на поддршката за граѓаните.
