Полицијата претепа 22-годишно момче во Тетово, момчето вели немало причина, полицијата тврди поинаку

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бил запрен од полицијата поради контрола, но врз него било применето насилство. Вака тврди 22-годишниот Албинот Мурати од тетовското село Слатино, кој лекарска помош побарал во Клиничката болница во Тетово. Според Албинот, на враќање кон дома од Тетово со неговите двајца пријатели, на влезот во селото Слатино биле запрени од два автомобили на полициски инспектори кои примениле насилно однесување без никаква причина.

-Нѐ запреа, а кога нè запреа, лошо се однесуваа со мене, ме туркаа и нѐ удираа. Мислам дека ова не е во ред. Немаше никаква причина за тоа, за ништо. Да речеме дека имало причина, но немаше никаква. Ме фатија и ме претепаа, од нозете, од бубрезите, половината ме боли. Беше поради тоа што немав никаков документ, требаше да ме однесат во станица во Тетово. Тие претставија како јас да сум ја тепал полицијата, но не го прифаќам тоа, бидејќи не го сторив тоа!Е, вели Мурати.

Албинот тврди дека за време на контролата имало повеќе од 8 полициски припадници:

-Беа 7-8, можеби и десетмина. 2-3 возила. Немавме направено ништо противзаконско.

И пријателите на Албинот биле присутни за време на контролата. Велат дека во ниту еден момент не виделе дека нивниот другар ги нападнал полициските службеници.

-Бевме во Тетово со пријателите и на враќање кон селото нѐ запре полиција. Беа околу 10 лица. Двајца од нив откако го изнесоа од колата нападнатиот пријател, го претепаа без причина. Ништо не им направи, нѐ влечеа и мене, и него. Ни рака не крена на нив, тие го претепаа него-вели Јонузи.

-На влезот во селото Слатино ни го попречија патот. Ни направија контрола и не најдоа ништо незаконски. Потоа го проверија и автомобилот, кога го видов другар ми целиот беше во крв, рацете му беа крвави, усните му беа крвави. Таму ми кажа дека инспекторите го претепале. Потоа видов како го влечат. Дојде тетовската полиција и го однесоа бидејќи немал лична карта. Потоа не знаеме што се случило-изјави Енис Салихи.

Но, од полицијата го тврдат спротивното. Во извештајот што го доставиле пишува дека 22-годишното момче ги нападнало полициските службеници при вршење контрола.

-На 01.12.2022 година во 23 часот и 15 минута на регионален пат – Слатино, Тетово, полициски службеници од СВР-Тетово го лишиле од слобода лицето А.М. (22) од село Слатино, поради физички напад врз полициските службеници кои вршеле службени дејствија. Истиот е приведен во Полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок-се вели во извештајот на СВР Тетово.

Албинот вели дека ова не е првпат да биде запрен од полиција, но првпат бил физички нападнат од полициски службеници. Тој додава дека правдата ќе ја бара до крај во Судот во Тетово.