Полицискиот час останува на сила – неделен извештај: 50% пад на позитивни и смртни случаи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полицискиот час ќе биде на сила уште 2 недели. Ограничување за движење на граѓаните од 24 часот до 4 наутро, а кафе ќе можат да пијат до 23:30 часот на терасите на угостителските објекти само по 4 лица на маса. КЗБ одлучи сегашните мерки да останат на сила до 1 јуни, изајви за ТВ21, Шабан Мемети, член на комисијата.

„КЗБ утрово ја оцени состојбата во последната недела со Ковид позитивни случаи, смртноста и хоспитализацијата. Како изјавивме, има намалување од 50 отсто на случаи и немаме некаква одлука за полицискиот час да се скрати или укине, или некаква препорака или да се укине некоја рестриктивна мерка. Значи, до јуни остануваат истите мерки“, истакна Шабан Мемети.

Комисијата и следната недела ќе ја разгледа епидемиолошката состојба со корона вирусот, за потоа да донесе препораки за олабавување или заострување на антиковид мерките. Од следните две недели зависи и судбината на угостителите но и на бизнисите кои организираат свадби и други настани. Состојбата и враќањето во нормала зависи и од процесот на вакцинација изјави Мемети.

„Досега се вакцинирани 196 562 граѓани, од кои првата доза е 167 285 лица, а втората 29 277. Вакцините со кои се вакцинирани граѓаните во текот на овој период се Астра Зенека 23 833 првата доза, Спутник со 22 869 првата доза и  21 930 втората доза, а Фајзер 17 114 прва доза и 6 778 втора доза, кинеската вакцина 104 038 првата доза, од кинеската вакцина  се очекува и втората доза бидејќи стигнаа со мало доцнење“, посочи Шабан Мемети.

Неделниот извештај од ИЈЗ покажува пад за 50 отсто на позитивните случаи и на смртноста како последица на корона вирусот, освен тоа и пад на бројот на пациенти кои бараат третман во ковид центрите.