Полицискиот час продолжен и во следните две недели, ќе има ли нови мерки? Здравство демантира дека набавува вакцини преку посредници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Човек кој има проблеми со српското правосудство тврди дека е посредник за набавка на вакцините од Спутник В За Македонија. Никола Лакушиќ за Ал Џазира вели дека е единствен кој има договор со рускиот инвестициски фонд со кој гарантира испорака на вакцината Спутник В за Македонија, БиХ , Алжир и Бугарија.

“Јас сум на мета на режимот на Вучиќ и неговите медиуми, кои ми креираа досие со цел да ме дискредитираат бидејќи се судривме околу поголеми бизниси и застапништва во светот”, вели Лакушиќ.

Ваквите тврдења ги демантираат од Министерството за здравство.

„Министерството за здравство ја информира јавноста дека набавката на вакцината Спутник В од самиот почеток се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва и нема никаков посредник во комуникацијата. Првите 3.000 дози вакцини веднаш пристигнаа откако МЗ го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини од проиводителот на вакцината Спутник В.“, велат од Министерството за здравство.

Додаваат дека за набавка на вакцини против Ковид 19, без разлика дали станува збор за Спутник В, Синофарм, Астра Зенека или Фајзер, или Ковакс механизмот, нашата држава ја плаќа цената на вакцината понудена од производителот.

Полицискиот час кој требаше да заврши утре, е продолжен и за следните две недели. Венко Филипче на ја исклучува можноста за воведување дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не ги дадат посакуваните резултати во менаџирањето на здравствената криза предизвикана од коронавирусот.

„Ние сме спремни да воведеме и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не дадат посакувани резултати.“, вели Филипче.

Забраната за движење на населението во временски период од 22 часот до 5 часот наутро беше воведена на 10 март.