Половина од градежните работи на системот за канализација во Арачиново е речиси завршена.
Многу машини во понеделникот работеа на секундарната мрежа во еден дел од селото. Жителите од маалата излегоа да ги проследат работите одблиску.
Млади и стари се собраа да ги пречекаат претставниците на владата.
„Се работи добра работа, но требаше да се направи и порано. Малку се доцни, ама подобро подоцна отколку никогаш, како што вели народот. Малку ми е тешко, бидејќи сум во количка и треба да излезам, но ќе имам трпение додека се заврши. Добро се работи! Овој дел не доцни, има една недела откако почнаа, но има и други работи што одамна почнаа, како една улица долу што ми прави многу проблеми бидејќи секој ден одам по неа и ми е тешко во оваа состојба“, вели жител на Арачиново.
Изградбата на секундарната мрежа за фекална канализација чини 20 милиони денари. Од нив, 4,5 милиони денари обезбедила Општина Арачиново, а остатокот го покрива Владата и Министерството.
„Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении, ние го направивме реалност. Изградивме страничен канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи и овозможивме урбанистичко уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај реката Мојанца… Нашата работа нема да застане тука, ќе продолжиме да инвестираме, не по партиски или етнички линии, туку каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика што носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да го почувствува промената“, вели Изет Меџити, прв вицепремиер.
Во последните 13 месеци, според властите, Арачиново добило инвестиции во вредност од 164 милиони денари – проекти поддржани од Владата, односно Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамки на програмата за капитални инвестиции во општините. Само изградбата на каналот чини 64 милиони денари, а 100 милиони денари се наменети за други инфраструктурни проекти.
