Половина од становите се купуваат во кеш – ќе го сопре ли државата растот на цените?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе успее ли државата да стави ред на цените на становите во земјава, откако квадратот стигна и до 2.500-3.000 евра, суми кои се споредуваат со метар квадратен на егзотични дестинации. Гувернерот Славески кажа дека половина од становите се купуваат во кеш  и најави мерки за стабилизација. А, за директорот на државното станбено претпријатие цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното. Во интервју за Македонската информативна агенција тој вели ќе мора системски да се делува за рамнотежа на пазарот и реални, а не шпекулативни цени.

„Очигледно е дека цените на становите излегуваат од рамките на реалното и објективното. Оттука, сите ние се соочуваме со состојба во која квадратот станува се помалку достапен, а се повеќе предмет на шпекулација. Иако тоа е дел од природното функционирање на слободниот пазар, неопходно е да постои рамнотежа која ќе го заштити интересот на граѓаните бидејќи цените често се движат во насока што не секогаш одговара на реалната куповна моќ на населението“, порача Марјан Стефановски.

Стефановски вели  работат на проширување на градежните капацитети за да можат да градат што повеќе комерцијални станови за да можат да  бидат  коректор на цената на станбениот квадрат.

Дека е загрижен за растот на цените на становите, деновиве потврди и Гувернерот Славески. Најави и мерки во координација со другите институции. Според податоците на  Народната банка во првиот и вториот квартал од годинава, цените на становите скокнаа по над 20 проценти. Славески кажа дека се прават анализи,а податоците покажуваат и дека  една половина од новопродадените станови се купуваат во кеш.

„По она што го добивам како информација, проценка, околу 50 проценти од новопродадените станови се купуваат на кредит, другите 50 проценти се во готовина. Ние немаме сознанија од каде доаѓа таа готовина, дали е од заштеди, дали е од некои приливи за коишто не сакаме да зборуваме, има други институции коишто треба да го утврдат, секако и Народната банка“, вели Трајко Славески.

Податоците на народната банка покажуваат дека за четири години, од 2021 до сега станбениот квадрат поскапел за  75 проценти. Додека пак пописот од 2021 година покажа дека  илјадници станови зјаат празни. Само во Скопје има речиси  60 илјади празни станови. А од тогаш до сега се изградени илјадници нови.