Полуматурантите ги земаа свидетелствата – средните училишта ги отвораат вратите, утре започнува уписот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Надвор не водеа грижа за држење дистанца, а не носеа ниту маски. Меѓу учениците од деветто одделение не изостанаа ниту прегратки. Но, ги почитуваа мерките против Ковид-19, кога чекаа на ред за да ги подигнат свидетелствата. Пред вратата на Основното училиште „Имри Елези“, полуматурантите  држеа растојание, носеа маски, а кога наставникот Митат Шаќири ќе го изговореше нивното име, тогаш ги дезинфицираа рацете и влегуваа во училишната зграда. Оценките ги подигнаа во ходник, секој посебно. Се чини дека училиштето им недостигало, па затоа со свидетелствата во раце се задржуваа во дворот.

„Ги земавте оценките? Тогаш одете дома, немојте да се собирате“

Подготовката не беше тешка за основните училишта, рече директорката на училиштето, Мерита Коџаџику.

„Не е тешко бидејќи, направивме распоред. Класните раководители ги одредија термините и ги известија родителите. Имаме три деветти одделенија. Првото одделение беше од 9 до 10 часот, потоа следното од 10, и еве сега е последното според распоредот на закажаните термини“, посочи Мерита Коџаџику.

Поголемиот дел од учениците што ги анкетиравме, рекоа дека ќе се запишат во Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

„Да, порано ги земавме свидетелствата ние од деветто одделение, бидејќи јас сум деветто.  Сега, поради пандемијата, не ни беше дозволено да влеземе во училиштето без маска и ракавици, а имаше и средства за дезинфекција. Сакам да се запишам на фармација во „Панче Караѓозов““, посочи ученичка.

Ученичка: Да, денеска ги земавме свидетелствата и многу сум задоволна од оценките, поминав со просек 5.00.
Новинар: Каде планираш да се запишеш?
Ученичка: Во „Панче Караѓозов“.

Уписот во средните училишта стартува утре. Лицето надлежно за спроведување на протоколот во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, објасни како треба да се однесуваат учениците кога ќе отидат да се запишат.

„Задолжително е ученикот кој доаѓа тука за да ги поднесе документите, да носи маска, шал или марама, штитејќи го носот и устата. Исто така, документацијата треба да биде подготвена претходно, тука треба само да ја остават. Не е дозволено потполнување на документите тука во училиштето. Пријавата може да се симне од веб-страницата на Министерството за образование“, посочи Ајше Беќири.

На влез ќе мора да ги дезинфицираат рацете, а ќе им се мери и температура. Ако топломерот покаже зелена боја, во тој случај кандидатот може да влезе во училиштето. При чекањето, задолжително мора да држат растојание од 2 метри. 

-Според азбучен ред се врши пријавувањето. Значи учениците на кои презимето им почнува на А, Б, В, Г и Д, ќе се пријавуваат утре.

Уписот во средните училишта ќе трае четири дена. Почнува утре, а завршува на 19 јули.