Административните службеници на Агенцијата за остварување на правата на заедниците не сакаат да се преселат во новиот објект на Вице-Премиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. ТВ21 дознава дека дел од вработените веќе испратиле иницијатива до Владата со која бараат продолжување со работа во сегашното седиште на агенцијата.
„Апелираме Владата на РСМ, преку надлежните органи и служби, вклучувајќи ја тука Службата за општи и заеднички работи како стварно надлежна за стопанисувањето на објектите во сопственост на Владата, да ги преземе сите потребни дејствија, Агенцијата за остварувањето на правата на заедниците да продолжи со работа и извршување на своите законски надлежности во сегашното седиште на агенцијата лоцирано на ул. „Даме Груев„ бр. 1 во Скопје“, се вели во писмото на вработените во АОПЗ.
Во писмото се наведува дека повод за иницијативата е изјавата Груби дадена на настан организиран од страна на Агенцијата, во која се истакнува дека и Агенцијата за остварување на правата на заедниците се наоѓа на листата на институции кои треба да бидат преселени во новиот објект на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Вработените сметаат дека не е возможно во една иста просторија во која работат повеќе административни службеници, да се реализирааат состаноци со делегации од различни национални колективитети. Додаваат дека со преселување на седиштето во зградата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се ограничи просторниот капацитет на агенцијата. Заменик директорот на АОПЗ, Џелал Хоџиќ за тв21 потврди дека осум од вкупно 23 вработени ја доставиле иницијативата.
„Ние како раководители ги охрабривме дел од вработените врз основа на некои свои позиции, ставови или стравови да изградат иницијатива слободно. Јас можам да кажам во мое лично име дека не ја поддржав оваа иницијатива затоа што сметам дека има недостаток на аргументација во самата иницијатива. Ние официјално на хартија уште немаме официјална понуда да се префрлиме“, истакна Џељал Хоџиќ.
Од Влада за ТВ21 велат дека сѐ уште нема одлука за префрлување на вработените во АОПЗ во новиот објект до Националната Опера и Балет. Од таму велат дека доколку во меѓувреме има одлука за тоа, јавноста ќе биде информирана. Во новата зграда се сместени неколку институции.
