Одамна помина времето кога Македонија ја гледаше како безбедносна закана соседна Албанија, изјави шефот на државата, Стево Пендаровски, додавајќи дека не гледа никаква заднина, особено не лоша во средбата меѓу албанскиот премиер Еди Рама и лидерите на албанските политички партии.
Во однос на реакциите на јавноста дека на средбата се разговарало за уставните измени и вметнувањето на Бугарите во Уставот, Претседателот на став дека нема ништо спорно, бидејќи одамна се знае дека албанските лидери не прават никаков проблем околу промената на Уставот, барем не оние кои беа во Тирана.
Ништо спорно во средбата не гледа ниту премиерот, Димитар Ковачевски, кој вчера изјави дека Рама е докажан пријател на Македонија. Но, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да настојува дека во Тирана се разговарало за некаков план или агенда на штета на Македонија. Дури и лидерите на албанските партии ги нарекоа „ученичиња кои запишуваат задачи од Рама“.
На средбата што ја свика премиерот Еди Рама, присуствуваа сите претседатели на албанските партии, освен на Движењето Беса, Биљал Касам. Според информациите на албанските лидери, на средбата се разговарало за европската иднина на двете земји и за уставните измени.
