Поништено одземањето на лиценцата – Вишиот Управен суд одлучи во корист на „Еуромакс Ресоурцес“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вишиот Управен суд пресуди во корист на „ Еуромакс Ресоурцес “. Со конечното решение се одбиваат сите жалби, останува решението на Управниот суд, но и поништено е Решението на Државната Комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Со ова се поништува одземањето на дозволата за експлоатација на Еуромакс Ресоурцес и се наложува најпрво да се реши спојувањето на двете концесии, па дури потоа да се одлучува за одземање на дозволата за експлоатација. Извршниот претседавач на Бордот на директори Тим Морган – Вајни во писмена изјава вели дека одлуката на Вишиот управен суд и правосилноста на пресудата на Управниот суд создаваат нова правна извесност за иднината на проектот „Иловица – Штука. 

„Сега очекуваме во конструктивна и ефикасна соработка со Владата и сите релевантни институции да го обновиме и забрзаме процесот за обезбедување на сите потребни одобренија и лиценци. Така, во најкраток можен рок, ќе може да почнеме со реализација на нашата капитална инвестиција“, истакна Тим Морган Вејни.

Од невладината организација „Здрава Котлина“ која неколку пати организираше протести, велат дека нивната борба нема да запре и дека почнуваат со планирање и подготовки за масовни активности во текот на цела 2021 година.

„Уморни сме од политички ветувања, позадински трзалици и камелеонски тактики. Време е да му се стави крај на ова еднаш засекогаш. Или сте со народот или сте против него. Не може округло па на ќоше. Ако е неопходно нека биде и радикално сценарио со ужасен пример и опомена за сите во иднината. Народот е притиснат од сите страни за секакви егзистенцијални проблеми па уште и рудник на смртта му фали“, велат од НБО Здрава Котлина.

Во изминатите години се одржаа неколку масовни протести против отворањето на рудникот „Иловица Штука“. Како и сега, така и тогаш овој рудник го нарекуваа „Рудник на смртта“. Жителите на околните места кои се наоѓаат во близина на овој рудник бараа да се спречи отворањето на овој рудник за бакар и порачуваа инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес да замине. Од канадската компанија „Еуромакс Ресоурцес“ за време на протестите тврдеа дека оваа најголема директна странска инвестиција во државата нема да ја загадува почвата, водата и воздухот, ниту ќе претставува опасност за здравјето на луѓето. Тие велат дека овој рудник е „рудник на можностите“ кој ќе придонесе за економски развој на регионот.