Силното невреме проследено со поројни дождови уништи десетици домови, поплавени се подруми и улици. Ваква е сликата во скопско Зелениково по синќешното невреме. Една од најпогодените е куќата на Менда Маневска која е самохрана мајка. Таа со нејзиниот син едвај се спасиле. Водата носела се пред себе.
„Ја тргнав завесата од овој прозор, видов дека многу врнеше. И му реков на синот Ице готови сме. Почнав да паѓам во водата, да се давам. Ме слушна еден комшија, вриштев на глас и ме зема кај нив. Незнам што да кажам Господ е милослив, ако има некој душа и срце некој да даде нешто. Немаме ништо, вака сме под ведро небо“, истакна Менда Маневска
Соседите денес и помагаа да ја исчистат куќата и да видат дали нешто можат да спасат од мебелот и белата техника. Виолета Јордановска една од оние кои помага. Вели дека куќата штотуку ја реновирале, а сега се е уништено.
„Од ноќеска сме тука. Се е уништено. Се е исфрлено. Навистина им треба помош на комшиите тука да им се помогне“, посочи Виолета Јордановска.
И куќата на Здравко Здравески е поплавена. Тој исто така е самохран родител. Водата навлегла и уништила се во домот.
„Почна да врне дожд и си реков не е страшна работа. Кога видов од прозорецот по десет минути почна како река да тече по улиците. Дојде комшијата да ме викне да и помогнеме на комшивката затоа што таа е поплавена. И му велам комшија и кај мене цела куќа врие од вода. Се собраа комшиите, но дождот не престана 40 минути“, посочи Здравко Здравевски.
Соседите самите платиле багери да ја извадат земјата од нивните домови. Градоначалникот го сретавме на терен заедно со работници кои го чистеа каналот, за кој и самиот признава дека не е чистен со години. Им вети на граѓаните дека ќе им помогне финансиски.
„Граѓаните нема каде да се сместат, но ние како општина ќе се заложиме да им помогнеме. Што ќе помогнете? Финансиски. Колку ќе им дадете? Тоа ќе одлучи советот. Имаме седница во советот. Комисиите се на терен работат на случајот и кога ќе се изврши проценката ќе видиме која ќе биде сумата“, вели градоначалникот Борче Гиевски.
Во синоќешното невреме и каналот во село Батинци предизвика поплави на улиците, но не предизвика никаква материална штета.
