Пополнети болничките капацитети! – Состојбата е сериозна, не излегувајте од дома ако немате потреба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Имаме експлозија на вирусот, вели министерот за здравство, Венко Филипче. Бројот на заразени од ден на ден расте, а болничките капацитети се полнат. Во моментов хоспитализирани се 890 пациенти со коронавирус. Легла за заразени пациенти веќе нема ниту на Клиниката за инфективни болести, а ниту пак во модуларната болница во рамките на Инфективна.  Поради тоа министерот Филипче најави отворање на ковид-центри во другите оддели во комплексот „Мајка Тереза“.

Директорката на Инфективна, рече дека рационално се искористува секој кревет, додавајќи дека штом еден пациент ќе биде отпуштен од болницата, веднаш на негово место се сместува друг. Но, колку време му е потребно на едно заразено лице кое лежи во болница да се излекува од коронавирус? Стевановиќ, вели дека сѐ зависи од здравствената состојба на пациентите.

Првиот човек на здравство, вели дека нема потреба од подготовка на приватните клиники за прием на пациенти со коронавирус, а ниту пак од други рестриктивни мерки. Тој ги повикува граѓаните да не излегуваат без нужна потреба.

Директорката на Инфективната клиника, говорејќи за смртноста кај помладите, рече дека сериозен ризик претставува и гојазноста (дебелината), но дека граѓаните овој елемент не го сфаќаат сериозно.