Поради бактерија, водата во Гостивар сè уште е забранета – Кризен штаб: Техничка употреба, отворете ги чешмите постојано

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Водата во Гостивар и понатаму останува контаминирана, покажуваат најновите анализи објавени од Главниот кризен штаб.

На седницата одржана во вторник попладне, ова тело констатираше дека е забранета водата за пиење и готвење што доаѓа од градскиот водоводен систем, но истата може да се користи за технички потреби.

До следното известување овие рестриктивни мерки остануваат во сила.

Во меѓувреме, снабдувањето со вода за пиење се врши преку канистри, изјави министерот Панче Тошковски.

„Да, водата треба максимално да се пушта во наредниот период, колку што е можно повеќе. Ги замолуваме граѓаните да ги остават чешмите отворени, и оние што ги имаат во приватна сопственост, бидејќи водата постојано е хиперхлорирана. Во рамки на почетната точка таа достигнува до највисоко дозволено законско ниво на надхлорираност, што е прифатливо за овие услови на кризна состојба што ја имаме. Има присуство на хлор до местата на потрошувачка, односно до сите точки каде што мерните единици земале примероци за контрола. Има присуство на хлор и тоа е добро.“, порача Панче Тошковски.

Во меѓувреме, најновите анализи потврдуваат дека бактеријата Pseudomonas aeruginosa и понатаму е присутна во водоводната мрежа во Гостивар.

Според надлежните, оваа бактерија може да предизвика инфекции на кожата, очите, ушите, уринарниот тракт и белите дробови, особено кај почувствителните лица.

Институциите апелираат граѓаните и понатаму да ги почитуваат препораките сè додека не се потврди дека водата е целосно безбедна за консумирање.

„Во одреден број примероци е констатирана бактеријата Pseudomonas, која вообичаено е присутна во цевките за пренос на вода и најчесто се развива во вода што стои. Имајќи предвид дека претходно имаше забрана за користење на водата за пиење и техничка употреба, се очекуваше истата бактерија да се појави во водоводот од примероците што ги земавме. Затоа се постапува според протоколите, со зголемување на присуството на хлор и повеќекратно чистење на водоводната мрежа, а целиот овој процес го следиме во лабораториски услови.“, вели Емилија Аневска.

Епидемиолошката состојба во Гостивар и понатаму се следи од здравствените институции, а надлежните информираат дека бројот на контроли е намален.

Според Министерството за здравство, во понеделникот, 3 август, се регистрирани 78 контроли, односно 6 помалку во споредба со претходниот ден, кога биле евидентирани 84 случаи за контрола.