Поради долг кон ЕВН, Арачиново остана без вода – Ибрахими: Долгот го толерираа 15 години, не е фер кон општината

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Жителите на Арачиново три дена немаат вода во домовите, а тоа се случува затоа што ЕВН го прекина снабдувањето со струја на пумпите за вода на општината. Од општината велат дека причина за прекинот на струјата се неплатени долгови од 2006 година.

Градоначалникот на Арачиново вели дека ова е неправда што и се прави на општината бидејќи такво нешто се толерира 15-20 години.

-Имаме континуирана комуникација со компанијата ЕВН и побаравме доколку ваква толеранција се прави со години од 2006 година, на водоводот или на пумпите кои ја потрошиле таа струја да не им се издаваат фактури, не е завршена финансиската обврска и како е можно наеднаш да се бара сиот тој долг. Иако ми понудија неколку рати, тие рати се неприфатливи. Побарав одредена форма на олеснување за тој финансиски товар што сепак сум заинтересиран да го понудам, но да понудам тоа што можам-рече Ибрахими.

Прашавме во ЕВН каде лежи проблемот и кој е начинот да се најде решението? Од таму ни рекоа дека договорот за рати не е испочитуван.

„Општина Арачиново има постоечки договор за плаќање на рати на наталожениот долг за струја, кој не е испочитуван. Компанијата ЕВН понуди дополнителен договор за плаќање на наталожениот долг на рати, бидејќи овој долг е голем и натрупан.“, велат од ЕВН.

И додека општината не најде решение како да го плати долгот, жителите на Арачиново ќе останат без вода.

Во Арачиново во моментов нема ни јавно осветлување.