И покрај соопштението од надлежните власти дека нема да има енергетска криза, како што изгледа енергетската криза веќе ги остава првите последици. Последните два дена, тема на дискусија беше испраќањето на принуден одмор со плата од 70% за вработените во РЕК Осломеј и РЕК Битола. Се зборува дека голем број од вработените во овие две термоцентрали ќе мора да заминат на принуден одмор во времетраење од 3 месеци или подолго. Работниците се загрижени и стравуваат дека воопшто нема да бидат вратени на работа.
„Два дена голема загриженост кај вработените во РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“, поради одлука што беше донесена во петокот, дека голем број работници од овие две електрани мора да одат на принуден одмор. ТВ21 дознава дека од централата во Осломеј, таму каде што сме, треба да се отпуштат 400 луѓе, поточно да одат 3 месеци на задолжителен одмор со плата од 70%. Немаме податоци колку луѓе ќе одат од Битолската централа на принуден одмор. Овие информации ги загрижија вработените во овие две институции во кои работат. Не се знае што ќе биде по три месеци кога ќе треба да се вратат на работа. ТВ21 дознава дека дел од нив ќе се вратат на работа, но значителен дел ќе си заминат како технолошки вишок“, истакна репортерката на ТВ21.
ТВ21 побара став од директорите на двете термоелектрани Осломеј и Битола на кои им е тешко да одлучат кои од вработените ќе заминат на принуден одмор, но не прифатија да зборуваат и не упатија да се обратиме до главната канцеларија на ЕЛЕМ. Од Елем велат дека немаат што повеќе да кажат од ставот изнесен во петокот .
На 3 декември управата на Елем одржала состанок н а кој е донесена одлука директорите на Термоелектраните до главната канцеларија на ЕЛЕМ да испратат листи со имиња на лицата кои ќе бидат испратени на принуден одмор со плата од 70%, не наведувајќи време ниту причина.
„Се задолжуваат директорите на Подружниците во АД ЕСМ – Скопје до 24.1222012 година (петок) до Управниот одбор да достават список на работни места со бројот на извршители, кои што не се неопходни за процесот на производство на електрична енергија на Подружниците на АД ЕСМ – Скопје и кои би можеле во иднина да бидат упатени на привремен принуден одмор“, стои во документот.
Рек Осломеј брои околу 1100 вработени од кои 300 до 400 ќе бидат испратени на принуден одмор, а РЕК Битола околу 2 400 вработени а се уште не се знае колку вработени ќе бидат испратени на принуден одмор.
РЕК Осломеј во моментов произведува 1800 МВ/ч електрична енергија, во мал дел користи јаглен што го копа сама, а другиот дел од јаглен се купува за да може да функциора подолго оваа термоелектрана во периодот на енергетската криза.
