Повеќе од 1.800 здравствени работници ги тужат државните болници и јавните здравствени установи каде што се вработени, барајќи исплата на повеќе од два милиони евра за неисплатени додатоци на плата како прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во недела и за време на државни празници.
„Претпоставувам дека бројот е поголем, бидејќи ова се базира на анкета од Фондот, што значи дека меѓу 10 и 20 проценти од вработените водат судски спорови. Најголемиот број, односно 70% од судските спорови, се во 10 институции и тие се во категоријата на општи болници. Општата болница Куманово има најмногу судски спорови, 317, додека Клиничката болница Битола би имала најголем финансиски ефект.“, вели Сашо Клековски.
Клековски ги повика директорите да ги применуваат правата од законите и колективните договори таму каде што тие се оправдани, како и да пристапат кон договори за да се избегнат правни и судски трошоци.
„Во исто време, ги повикуваме здравствените работници, особено таму каде што има ниска ефикасност во институциите, да се откажат од тужбите бидејќи имаме парадокс – во истите институции имаме највисоко ниво на додатоци и најголем број тужби, затоа што тоа директно влијае врз одржливоста на нивните институции.“, вели Сашо Клековски.
Директорот Клековски најави дека заедно со Министерството за здравство и синдикатот работат на отстранување на сите нејаснотии во примената на законот и колективните договори, кои овозможуваат група експерти, правници и независен синдикат да пронаоѓаат „сиви зони“ во толкувањето на законите и колективните договори.
