Хрватска се приклучува кон земјите кои привремено го прекинуваат воздушниот сообраќај со Велика Британија поради појавата на нов вид коронавирус, потврди премиерот Андреј Пленковиќ на Твитер.
„Со оглед на новите откритија за побрзиот интензитет на ширење на # COVID19 во Велика Британија, Хрватска привремено ќе го прекине воздушниот сообраќај на патниците од Велика Британија за 48 часа, сè додека не бидат наведени информации за евентуален нов вид на вирус. Приоритет е да се заштити здравјето на граѓаните“, напиша Андреј Пленковиќ .
Да потсетиме, Франција од недела на полноќ ги прекинува сите патувања, вклучително и транспортот на стока по пат, авион, море или железница, објави владата во Париз.
И ирската влада ќе ги прекине сите воздушни врски најмалку 48 часа. Поморските врски продолжуваат и одлуката ќе биде преиспитана во вторник, објави ирската влада. Истите одлуки претходно беа донесени од Германија, Австрија, Бугарија, Холандија, Белгија и Италија.
Забраната може да ја воведе целата Европска унија, бидејќи во тек се консултации за заеднички одговор на поморските, железничките и патните врски со Велика Британија.
Емануел Макрон, Ангела Меркел, Урсула Фон дер Лајен и Чарлс Мишел разговараа за тоа порано во неделата.
Светската здравствена организација (СЗО) ги повикува своите членови во Европа да ја „засилат контролата“ над новиот вид на коронавирус што циркулира во Велика Британија, изјави за АФП нејзиниот европски огранок во неделата.
