Поради ветото за Македонија конгресменката најави можни санкции на САД за Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ефективни санкции за Бугарија поради тоа што не го трга ветото кон Македонија за почеток на преговорите со Европската унија, најави конгресменката Клаудија Тени во интервју за гласот на Америка. Таа вели дека размислува да се формира коалиција на Капитол Хил што би работела на создавање одреден притисок врз официјална Софија.

„Ако би можеле да најдеме некаков вид санкции што би биле ефективни за да ги доведеме на маса или нешто што би поттикнало решение на овој конфликт и безобразно однесување, кое би можело да доведе до агресија и до проблеми во иднина во овој регион“, вели Тени.


Спорот што го наметна Бугарија и преговорите што се водат со официјална Софија беа дел и од дискусијата на форумот 100 дена Влада. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не може да се постигне успех ако тој не се базира врз европските вредности и врз зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави.


„Успехот на тие разговори и успехот на едно одржливо решение може да биде направено само врз основа на разговор кој што се базира на европски вредности, меѓутоа и на принципи на почит помеѓу институциите и помеѓу граѓаните и принципот на достоинство каде што двете страни мора да го чуваат“, рече Ковачевски.


Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ вели дека ние сме подготвени да ги започнеме преговорите и дека во првиот кластер темели стоиме подобро дури и од земјите кои веќе преговараат, но додава, она што е многу важно е да ни се даде прилика да почнеме.