Поранешен градоначалник и инвеститор во недвижности е осуден во Турција на 16 години и три месеци затвор за уривање на зграда во која загинаа 16 лица за време на катастрофалниот земјотрес во 2023 година, објавија турските медиуми.
Судот го осуди Океш Кавак за „предизвикување смрт или повреда на повеќе од едно лице од свесно невнимание“ за време на уривањето на зградата во која бил инвеститор во малиот град Нурдаги, во провинцијата Газиантеп во југоисточна Турција.
Судот го обвини и дека користел фалсификувани документи за да добие градежна дозвола.
На Океш Кавак, кој беше избран за градоначалник на Нурдаги, исто така му се суди за уривање на друга зграда во која загинаа 36 лица.
Нурдаги беше сериозно оштетен во земјотресот со јачина од 7,8 степени во февруари 2023 година, кога повеќе од 53.000 луѓе загинаа во Турција и повеќе од 6.000 во соседна Сирија.
