Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани се изјасни воздржано во однос на предлогот на Фондот за здравствено осигурување за продолжување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци. Вели дека нема да коментира сè додека Владата не донесе конечна одлука.
„Ова се политики кои се во развој и заедно со целиот кабинет на премиерот се обидуваме да донесеме конечна одлука“, вели Фатмир Лимани.
Вчера беше соопштено дека Фондот за здравствено осигурување ја разгледува можноста за продолжување на породилното отсуство на дванаесет месеци. Директорот Сашо Клековски изјави дека се спроведуваат анализи кои треба да ги утврдат финансиските импликации и можните ефекти од оваа мерка.
„Се обидуваме преку анализа да видиме колку од овие боледувања пред и по породување се поврзани со истиот процес на бременост. Во зависност од тоа, можеме да видиме како да го подобриме механизмот, бидејќи ако имаме чести боледувања пред и по, според мене треба да размислиме за промени во системот на породилно отсуство“, вели Сашо Клековски.
Во однос на доцнењето со исплатите, директорот Клековски им се извини на родилките и рече дека се обидуваат да најдат решение за стандардизација на пресметките, бидејќи тие моментално се прават рачно.
