Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи денеска заедно со економските советници, кои во рамките на економската дипломатија се назначени да отпатуваат за Варшава (Вишеградската група), Минхен (Германија и Австрија), Анкара за Турција и Абу Даби за ОАЕ и другите земји од Заливот, ќе ја посети општина Гевгелија, фабриката за конфекција НОЕЛ и фабриката за полиетиленски цевки Контрихидропласт.
Со посетата на Гевгелија се заокружува поширокиот план од проектот за посети на повеќе општини. Економските советници инфо турата ја започнаа во Тетово а продолжија во Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Крушево, Штип, Виница, Берово, Струмица, Дојран и Гевгелија.
Целта на посетите е економските советници да имаат поголемо знаење за општините, за капацитетите што ги имаат истите со цел зголемување на извозот, можностите кои ги нудат за странски инвестиции како и развој на туризмот. Освен средбите со локалните власти, се реализирани средби и со бизнисмените од овие општини.
