„За нас и повеќето кои живееме овде во оваа држава е апсурдно бидејќи до сега автомобилот беше неопходен, а сега стана луксуз“, вели Рефик Тахири.
Ова е мислењето на Рефик Тахири, вработен во Технички преглед, по вчерашната одлука на осигурителните компании за поскапување од 15,44% на цената за автомобили со над 44 киловати.
Тахири вели дека за тоа се известени вчера и дека ова им предизвикало проблем со клиентите бидејќи пред 2-3 дена им ја кажале старата цена.
„Немавме информации од државното биро за осигурување, односно само видовме дека имаме различни цени во системот“, порача Рефик Тахири.
– Можете ли малку да ни појасните, дали е ова само за автомобили или и за други возила и колку е зголемено?
Р.Т.: „За сите категории на автомобили. Еве јас имам направено статистика, само оние коли кои се до 44 киловати не ги смениле цените. Над 44 киловати секоја категорија на автомобили цената е променета, дури и драстична со 15% плус во осигурувањето“.
На ова реагираше и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој рече дека е неприфатливо да се зголемува висината на осигурителната полиса што ја бараат осигурителните компании.
„Ова може да се протолкува како директен напад, или политичка интервенција на осигурителните компании, бидејќи тарифата со тие зголемувања двапати беше доставена до Владата и двапати не беше одобрена на владина седница. Ова е манипулативен начин на кој, надвор од предвидената процедура, осигурителните компании наоѓаат начин како да го поскапат осигурувањето на автомобили на сметка на граѓаните. Ова е пример за длабоката држава која треба да се искорени“, порача Фатмир Битиќи.
Според Агенцијата за супервизија на осигурување, зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.
Поради тоа АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. Од друга страна, Министерството за финансии денеска ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, која одржа седница и ги разгледа сите аспекти од одобрувањето на овие решенија. Со тоа Министерството информира дека е констатирано дека во понеделник на нова седница треба да се разгледа Извештајот на Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на одобрувањето на решенијата од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори, во однос на заштитата на потрошувачите.
