Поскапе струјата за 7,4 проценти, Регулаторна одлучи да не се укинува евтината тарифа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сметките за електричната енергија за следниов месец граѓаните ќе ги добијат повисоки за 7,4 проценти. Првиот човек на Регулаторна комисија Марко Бислимовски уверува дека тоа нема значително да се одрази врз буџетот на потрошувачите. Со барањата на енергетските компании струјата требала да поскапи околу 23 проценти, но Регулаторна тоа не го прифатила, а отфрлено е и барањето за укинување на евтината струја.

„Јас знам дека со оваа одлука влијаеме врз крајните потрошувачи и тоа од прилика на една просечна потрошувачка некаде на околу илјада и 500 денари сметка зголемувањето на месечните трошоци ќе биде приближно за 100 денари. Во наредниот период Регулаторната комисија за енергетика имајќи ја предвид ситуацијата со оваа пандемија одлучи да нема укинување на евтината тарифа.“, рече Бислимовски.

Како причини за поскапувањето е тоа што во време на пандемијата со Ковид-19 имало мала потрошувачка на електричната енергија, бидејќи фирмите не работеа. Една од начините за надминување на ваквата ситуација е намалување на ДДВ-то, вели Бислимовски.

„Еден од начините да се надмине оваа ситуација со зголемување на цената на електричната енергија е зголемување на субвенциите за ранливите категории на потрошувачи или пак може да се прават и соодветни анализи во однос на ДДБ-то како што се случи минатата година со ДДВ за топлинска енергија која што се намали од 18 на 5 проценти.“, вели Бислимовски.

Инаку, од ЕСМ пријавиле годишна загуба во работењето од 17 милиони евра, а пак минусот во МЕПСО е 11 милиони евра, поради намален извоз како резултат на нефункционирањето на големите индустриски капацитети кај нас и во странство.