Можно ли е поместување по блокадата од Бугарија на нашава земја за старт на преговорите со Европската унија и што може да донесе утрешниот Корепер. Шефот на чешката дипломатија Томаш Петжичек рече дека Чешка сака да се постигне компромис по прашањето на стартот на преговорите на Европската унија со Македонија. Додаде дека тоа што не беше донесена одлука за старт на преговорите на Европскиот совет минатата недела е голем неуспех, но дека утрешниот Корепер може да ги помести работите.
„Чешката Република многу ги поддржува напорите на германското претседателство во тоа да се постигне спогодба и Бугарија да се откаже на некој начин, од своите барања и да се стигне до компромис. Се надевам дека Меѓувладината конференција би можела да започне наредната година, но навистина тоа ќе зависи од утрешната дискусија.“, рече Петжичек.
Министерот Османи рече дека на утрешниот состанок на кој на дневен ред се заклучоците, земјите членки нема да дојде до билатерализација на овој процес.
„Благодарност за спротивставување на земјите членки на обидот на билатерализација на преговарачкиот процес и мислам дека ова е принципиелен став на речиси 26 земји членки не е во заштита на интересот на Република Северна Македонија само, туку и на целиот преговарачки процес и неговата улога во европската трансформација на регионот.“, вели Османи.
Утрешниот состанок на амбасадорите на земјите членки на Европската унија беше закажана на иницијатива на Германија која за последен пат од своето претседавање со Унијата повторно го става на маса прашањето за старт на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ. Состанокот ќе се одржи во Брисел, каде утре заминува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
