Последни обиди за договор за Изборниот законик – во понеделник најверојатно средба на опозицијата, власта повикува на договор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во понеделник на два дена пред истекот на дополнителниот рок за донесување на Изборниот законик, најавено е дека Левица ќе иницира средба. Како што е познато владејачките партии на средбата на координаторите која се одржа во вторникот им предложиja на опозиционерите да постигнат договор за новото решение, вклучително и за гласањето на дијаспората и дека тие ќе прифатат се што ќе предложат. Денеска тие повторно со повик да се усогласат и да ја забрзаат динамиката за да се фати последниот момент на исполнување и на 10-от чекор од Реформската агенда.

-Платформа на целото ова кое што ние го зборуваме, за кое што да потсетам било прифатено е дека до 30.09.2028 година, телото кое што е надлежно за спроведување на избори, Државната изборна комисија ќе го утврди начинот и сите овие прашања кои што тие ги поставуваат на прес конференција би биле надминати и решени. Дали за електронско, дали за поштенско гласање, сето тоа нека го договори ДИК до 30.09.2028 година. Сето она кое што смета опозицијата дека би било лоша практика нема да го прифатиме. Оставаме на нив, нека го направат тоа, нека го напишат во пречистен текст на закон нека го донесат и ние го прифаќаме, изјави Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Албанската лига инсистираат да има гласање на дијаспората, во спротивно најавија дека тие ќе го блокираат законот.

-За време на месечните состаноци меѓу партиите за Изборниот законик, Албанската лига имаше свои предлози за изборни единици, за моделот на финансирање и за многу други прашања! Но, ние бевме во функција на консензус. Она од што не се откажуваме е можноста дијаспората да гласа на локалните избори. Толку е едноставно. Доколку ова не се овозможи, ќе продолжиме да го блокираме законот потпишан од некои партии, вели Елми Азири од Албанска лига.

Опозициската СДСМ повтори дека сето ова е обид на Мицкоски за изборни манипулации, а дијаспората, велат тие, има право да гласа со постојниот модел.

-Ние сме против неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна кражба. Електронското гласање без контрола или гласање преку пошта без соодветни гаранции е исто така опасно. Разликата е само во методот. Но, најважно од се е следново: Изборниот законик за Мицкоски не е цел, туку изговор. Тој и неговата криминална група не сакаат да го донесат овој закон и да имаат алиби зошто не ја исполнуваат Реформската агенда, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

И еврокомесарката Марта Кос на заедничката прес конференција со премиерот Мицкоски во Владата, ги повика партиите да постигнат заеднички договор за Изборниот законик и да го изгласаат во Собранието.