Постигнат консензус за финалната верзија – Законот за високо образование во владина процедура

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерите на ВЛЕН одржаа средба со премиерот Мицкоски и министерката за образование Јаневска за усогласување на барањата за Законот за високо образование. Како што информираат од Владата, постигнат е целосен консензус за финалната верзија на реформите во високото образование и предлог-законот утре се очекува да влезе во владина процедура, по договор со коалицискиот партнер. ВЛЕН истакнува дека овие реформи не се само законски измени, туку конкретна заложба за градење одржлива и конкурентна академска иднина.

„ВЛЕН е гарант дека со овој закон универзитетите на албански јазик не само што нема да бидат оштетени или занемарени, туку ќе бидат поставени во еднаква и достоинствена позиција со сите други високообразовни институции во земјава. Конкретен пример е и историската инвестиција од околу 40 милиони евра за кампусот „Мајка Тереза“. Нашата цел е јасна – универзитетите на албански јазик да бидат на врвот, зајакнати и конкурентни на национално и меѓународно ниво“, велат од ВЛЕН.

Министерката Весна Јаневска информираше дека биле разгледани шест точки, од кои пет веќе биле усогласени во претходните дискусии, додека за последната – Хирш индексот – е најдено конечно решение. Овој индекс, кој се користи за мерење на продуктивноста и влијанието на научните публикации, предизвика дебата дали треба да биде примарен критериум за академско напредување.

„Пет од точките беа разгледувани и претходно, бидејќи ова беше континуиран процес и тие повеќе не беа спорни. Последната точка за која разговаравме беше Хирш индексот, за кој исто така најдовме решение – да не биде основен елемент како критериум за избор, туку да влезе како дополнителен елемент во критериумите за избор. Во случај двајца професори да имаат исти поени, пресуден ќе биде Хирш индексот. Ова веќе е прифатено“, вели Весна Јаневска.

Откако ќе го помине владиниот филтер, Законот за високо образование ќе биде доставен до Собранието пред пратениците.