Премиерот Христијан Мицкоски го стави под прашалник постоењето на СДСМ како партија. Одговорот, според премиерот, ќе биде познат по локалните избори. Мицкоски ова го истакна откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче од Атина, го обвини дека е автократ кој не сака да ја придвижи земјата кон Европската Унија.
„Моментално имаме десничарска авторитарна Влада во нашата земја која не сака да ја придвижи земјата напред“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

На ова Мицкоски одговори дека Филипче има предавнички однос и не е конструктивен по однос на евроинтегративниот процес.
„Ние сега градиме, се бориме, се обидуваме низ цел свет, а тој со една изјава вика „јас се прифаќам, се што ќе ми ставите на маса дајте да потпишам, само вратете ме на власт да бидам премиер“. Тоа не е конструктивност, тоа е рушење на позициите и затоа имаат едноцифрен рејтинг и мислам дека после локалните избори постои сериозна опасност дали таа политичка партија ќе продолжи да постои“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот не се пронаоѓа ниту во обвинувањата дека е автократски лидер.
„Такво нешто немам ниту слушнато, ниту пак почувствувано, ниту пак имам намера така да се однесувам, сепак јас сум редовен универзитетски професор, педагог и тоа не е дел ниту од мојот начин на однесување, ниту дел од мојот карактер“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од СДСМ претходно обвинија дека Мицкоски се обидува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и тоа што на меѓународна сцена била откриена таа негова намера од страна на Филипче, не е „кодошење“ туку е патриотизам.
