Да бидеме свесни дека постојат странски влијанија врз Македонија и институциите да преземаат соодветни механизми за спречување со цел зголемување на отпорноста, порача денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска. Странските непријателски служби сакале да дознаат повеќе од тоа што јавно го објавува армијата и одбраната, но да постигнат и влијание со цел спроведување на нивните цели.
„Службата за воена безбедност и контраразузнавање има податоци со кои располага, дали и кои се тоа служби кои се интересираат и на каков начин тие се интересираат и дали сакаат да предизвикаат некако пореметување во работењето без разлика дали станува збор за откривање на информации кои се класифицирани или влијанија врз носителите на позиции, без разлика дали се политички или позиции во армијата“, вели Славјанка Петровска.
Обиди за сајбер напади имало и во Армијата. Доаѓале од непријателска земја, но податоци не биле извлечени.
„Армијата е целосно подготвена за извршување на своите уставни и законски надлежности. Одбрана на територијалниот интегритет и суверинитет на републиката. Извршување на мисии во земјата и странство, поддршка на системот за национална безбедност во справување со сите видови на кризи во контекст за системот за кризен менаџмент“, вели Васко Ѓурчиновски.
Фокусот и натаму ќе биде кон модернизација на Армијата, но и кон припадниците кои со законски измени ќе се зголеми нивниот стандард. Бројот на припадници кои побарале самостојно прекин на работен однос е преполовен, а тие кои на пример три дена не доаѓале на работа, четвртиот добиле решение за отпуштање.
ЛИЧНО БАРАЊЕ ЗА ПРЕКИН НА РАБОТЕН ОДНОС
2022 година: 85 припадници
2023 година: 48 припадници
ПРЕКИН НА РАБОТЕН ОДНОС ПОРАДИ НЕИСПОЛНУВАЊЕ НА ОБВРСКИ
2022 година: 64 припадници
2023 година: 35 припадници
Во јануари ќе се избере понудата за новите осум хеликоптери, кон крајот на идната година ќе пристигнат новите оклопни возила, првите армиски дронови, а до 2026 година Македонија за прв пат ќе добие и противвоздушен систем за одбрана. За оваа модернизација во новиот буџет веќе се издвоени се 2,05% од БДП.
Со ова Армијата станува и „интересна“ за барателите на работа, а доказ за тоа се бројките на пријавени кандидати за конкурсите во македонската Армија. Во 2018 година за 60 места се пријавувале 75 кандидати, сега за 150 места, се пријавуваат 1900 кандидати. На денешниот брифинг уште беше соопштено дека македонското небо освен Грција во иднина ќе го чува и Италија, а продолжува и поддршката кон Украина, но кон последното барање за донација ќе се одговори негативно.
ПЛАТИ
2010 година: 19.000 денари
2016 година: 21.000 денари
2017 година: 22.000 денари
2022 година: 36.000 денари
2023 година: 45.000 денари
Заинтересираните кандидати повторна шанса за да станат дел од македонската армија ќе имаат веќе во јануари која ќе се вработат 300 припадници.
